Екипата на Будуќност, иако, сезоната во Лигата на шампионите ја заврши неславно, со елиминација уште во првата фаза, успеа да ја одбрани домашната титула од минатата сезона и покажа дека уште многу години ќе доминира во својата земја.
Ракометарките на Бојана Поповиќ во вториот финален натпревар против Рудар лесно стигнаа до победа, 41:15 (21:6), освојувајќи ја 15 титула во низа после независноста на Црна Гора, односно 33 титула, вклучувајќи ги освоените титули во СФРЈ, СРЈ И СЦГ. Првиот финален натпревар, исто така, заврши со убедлива победа за Будуќност, 31:12 (13:6).
Играч на натпреварот во вториот финален натпревар беше голманката Армел Антигре со вкупно 16 интервенции, додека шанса меѓу стативите доби и младата голманка, Дуња Шаранчиќ, која имаше осум интервенции. Најефикасни во победничката екипа беа Матеа Плетикосиќ и Гордана Марсениќ со по седум гола. Во екипата на Рудар се истакна, Јелена Вукчевиќ, со пет погодоци.
Клубот од Подгорица, кој е редовен учесник во Лигата на шампионите, потврди дека е најдобриот тим во Црна Гора без никаква конкуренција. Овој викенд, составот на Бојана Поповиќ ќе го брани Куп трофејот на Црна Гора.