Екипата на Металург која минатата среда едвај успеа да го совлада Вардар Јуниор и оваа која денеска доминираше против Пролет се разликуваше во една работа. Тоа беше пристапот во играта и залагањето во текот на сите 60 минути, а тоа се виде и во резултатот на крајот кој гласеше 36:28.
Пролет влезе во средбата вообичаено борбено, но освен што поведе со 1:0 не можеше да остане во игра за позитивен резултат бидејќи домашните многу брзо успеаја да стигнат до плус три, 5:2.
Одбраната на Металург беше на ниво и постојано се играше максимално борбено така што тоа даде резултат на крајот и донесе голема предност уште во првите 30 минути. Играта беше таква што Пролет тешко се снаоѓаше со одбраната на Металург, а многу често тоа отвораше простор за лесни акции и најчесто преку контри се загрозуваше голот на гостите.
Таквата игра донесе 20:11 на крајот од првото полувреме, па на одмор предноста беше доволно голема за да може во продолжение од средбата да се одигра смирено и да нема потреба да се форсира премногу за да се дојде до трите бода.
Во вториот дел се чуваше предноста и главно се движеше меѓу девет и 11 погодоци. Сепак, во финишот дојде до опуштање, па Пролет намали до шест гола разлика, 33:27. Повеќе од ова и не можеше бидејќи средбата се приближуваше кон крајот и немаше време за поголемо доближување. Металург успеа да се врати на плус осум разлика и да финишира со 36:28.
МЕТАЛУРГ – ПРОЛЕТ 36:28 (20:11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.
МЕТАЛУРГ: Дупјачанец 1, Ѓорѓески, Кондев 2, Поповиќ 10, Шилегов 4, Танкоски 1, Мариќ 2, Серафимов 7, Лазаревски 5, Младеновиќ 1, Вујовиќ, Чантурија 2, Кбилашвили 1, Додиќ, Маркоски, Арсеновски.
Седмерци: 3/3, Исклучувања: 12 мин.
ПРОЛЕТ 62: Кизиќ, Кристо 1, Коруновски, Василевски 1, Аларов 5, Поповски, Давитковски, Манев, Јовановски, Гроздановски 1, Андоновски 6, Џонов 9, Мајнов 3, Гичев 2, Стојановски, Игнов.
Седмерци: 2/2, Исклучувања: 10 мин.