Женската кадетска репрезентација вчера го заврши настапот на Мундијалот во Македонија. По трите победи во групната фаза над Сенегал, Узбекистан и Иран, по ремито со Шведска и поразот од Исланд во главната рунда, како и по поразите од Германија и Хрватска во разигрувањето за пласман, нашите ракометарки завршија на 12 место во светот. Не е лошо, но секако можеше да биде подобро.
Пред финалниот ден и битките за медали, иако ракометот е колективен спорт ќе направиме краток преглед на индивидуалните постигнувања на македонските репрезентативки и ќе разгледаме неколку статистички показатели.
На седум меча дадовме 193 гола, Ризоска најдобар стрелец
Најдобар стрелец во македонската репрезентација е Емилијана Ризоска со 38 гола од 54 удари со одличен процент на реализација од 70%. Таа покажа дека е ол-раунд играч и дека може да одговори на задачите на сите позиции, иако првенствено беше користена како лево крило.
Теодора Дукоска даде 31 погодок од 61 обид, но со послаба реализација, додека Бојана Коцева даде 30 гола од 41 обид. Дури 27 гола од погодоците на Коцева беа со пробиви на линијата од шест метри. Македонија даваше процечно по 28 гола на натпревар, што и не е така лошо.
Марија Јанкуловска иако не играше премногу, својата работа си ја заврши одлично, а двоцифрен број на погодоци постигнаа и Борјана Коцева, Ива Младеновска и Ива Велкова.
На седум меча настапија 20 ракометарки
Селекторот Савевски на седумте натпревари на СП користеше 20 ракометарки, а најголема минутажа имаа сестрите Коцеви, Младеновска, Ризоска и Дукоска, додека голманките Јовановска и Чурлиновска ја поделија минутажата.
Бојана Коцева покрај тоа што беше меѓу најдобрите стрелци, подели и најмногу асистенции – вкупно 15, додека нејзината сестра упати 11 асистенции до своите колешки. Бојана направи и најмногу грешки, вкупно 26, а Нена Нестороска имаше 16. Борјана имаше намногу украдени топки – 7, а изнуди и најмногу седмерци – 8.
Голманките Чурлиновска и Јовановска одбранија 85 удари
Голманската двојка Матеа Чурлиновска и Марија Јовановска беше најсилната алка од македонската репрезентација. Чурлиновска забележа 44 одбрани од 114 удари кон нејзиниот гол со 39% успешност, додека Јовановска одбрани 41 удар оод 140 упатени кон нејзиниот гол со 29% успешност. Секако за нивните партии големи заслуги треба да и се препишат и на Тања Андрејева. Третата голманка Дона Маркоска доби шанса на еден меч, и запре еден од двата удари.
Иако на СП треба да се одиграат уште четири меча, статистиката може да претрпи некои измени, но треба да се подвлече дека Чурлиновска е во ТОП 3 голманки на СП според процентот на одбранети удари, односно на место број 2. Мотив плус за младата голманка да работи уште повеќе во иднина.
Оваа генерација на ракометарки следното лето ја очекува настап на младинското ЕП 2023, а за две години повторно на домашен терен ќе игра на СП 2024 година. Тогаш побогати за настап на кадетски ЕХФ шампионат, кадетско СП и младинско ЕП, избраничките на Љубомир Савевски ќе треба да покажат што можат, колку можат и дали се способни за големи дела кога ќе преминат во сениорска конкуренција.