Европскиот шампион Магдебург го доживеа вториот пораз во вториот натпревар од новата сезона во Лигата на шампионите. Бундес тимот загуби убедливо на гостувањето во „Блауграна“ кај Барса со 12 гола разлика, 32-20.
Каталонскиот гигант сервираше одмаза да полуфиналниот пораз на минатиот Ф4 и уште во првиот дел го обезбеди триумфот. Голманот Нилсен имаше десет одбрани од 18 удари, а Де Варгас фати два пенали за 14-8 на пауза.
Магдебург беше немоќен, а еден од најдборите Омар Игни Магнусон имаше 1/6 во првиот дел. Се обидуваше Вегерт со тајм-аут, со многу ротации, но ништо не му одеше на европскиот првак во „Блауграна“.
На стартот на второто полувреме беше 22-12 и веќе беше јасно каква игра ќе гледаме до крајот на натпреварот. Магдебург ја спушти високата негатива, но немаше ниту време, ниту сили за нешто повеќе на овој натпревар.
Најдобар стрелец кај Барса беше Мем со осум гола, по четири пати погодија Ване и Валера, а голманот Нилсен имаше 18 интервенции. Кај Магдебург, Муше и Вебер имаа по три гола, а триото Лагергрен, Дамгард и Магнусон имаше реализација 5/19.
Магдебург ќе бара прв триумф сезонава дома против Целје во следното коло, а Барса ќе им гостува на Порто и Митревски.