Британците за првпат ја минаа првата фаза од квалификациите за ЕП!

Репрезентацијата на Велика Британија ги продолжува квалификациите за Европското првенство 2026 година откако по турнирот одигран во Баку, Азербејџан го освои првото место во групата, пред Кипар (ист број бодови), Азербејџан и Малта. Ова ќе биде за првпат Велика Британија да ја мине првата фаза од квалификациите.

Велика Британија и Кипар во првото коло одиграа нерешено 25:25, па на крајот решаваше гол-разликата за првото место. Британците во последното коло ја победија Малта со 44:14, додека Кипар славеше над Азербејџан со 32:23.

Во второто коло Велика Британија го победи домаќинот Азербејџан со 39:22. Велика Британија заврши како прва со 5 бодови и гол разлика +47, а Кипар има 5 бодови и гол разлика +30.

За Велика Британија ова е историски успех, со оглед на тоа дека за првпат минаа квалификациска фаза за големите натпреварувања.

Во следната фаза ќе играат и четирите најслаборангирани репрезентации од квалификациите за Европското првенство во 2024 година.