Репрезентацијата на Јапонија со победа од 32:30 против Австрија, го обезбеди првиот триумф во главната фаза на Светското првенство во Шпанија. За Јапонија овој дуел беше важен за што подобар пласман во Групата 4.
Фуриозниот старт од 5:0 на Австрија и водството од 8:3, не гарантираше сигурна победа за кратката австриска клупа, но даваше голема психолошка предност во текот на првото полувреме. Резултатот на пауза беше плус четири гола позитива за Австрија, 19:15.
Јапонија во второто полувреме со серија од 4:0 стигна на минус еден негатива, 20:21. При резултат од 23:21 за Австрија, Хатори со два погодоци во низа донесе израмнување на резултатот, 23:23. Австријките во 48. минута имаа солидни 26:23. Сепак, вистински пресврт се случи во самиот финиш на натпреварот кога Јапонија стигна до првото водство од 28:27. Австрија во завршниот дел не го издржа силниот налет на брзите ракометарки од Јапонија и мораше да го прифати реалниот исход.
По стартниот пораз од Данска во групната фаза, денес репрезентацијата на Унгарија одигра ефикасно против Конго и обезбеди лесен триумф од 30:22. Победникот веќе беше решен по првото полувреме кое заврши со водство од плус осум гола разлика за Унгарија, 16:8. Во второто полувреме, селекторот на Унгарија, Владимир Головин, реши шанса да им даде на ракометарките со помала минутажа, кои ја оправдаа дадената доверба и ја сочуваа предноста до самиот крај.