Брест Бретањ лесно против Мец, со една нога веќе на завршниот турнир од ЛШ

Ракометарките на Брест Бретањ славеа убедливо против Мец со 34:24 во рамките од четврт-финалето од Лигата на шампионите. Со ова Брест Бретањ уште еднаш ги потврди своите амбиции во борба за шампионската титула во најквалитетното европско натпреварување.

Домашната екипа имаше фуриозен старт, а нивната голманка Сандра Тофт немаше тешка задача бидејки одбраната на Брест Бретањ функционираше одлично. Ракометарките на Мец после израмнување на резултатот на 2:2, во следните 12 минути не можеа да го пронајдат патот до противничката мрежа и најчесто нивните топки завршуваа покрај голот или во блокот на одбраната. Брест Бретањ со добри акции го зголемуваше своето водство и веќе по 13 минути игра имаше предност од 8:2. Своето водство екипата на Брест Бретањ континуирано го одржуваше до крајот на првото полувреме кое заврши во нивна корист, 16:11.

Во второто полувреме само се потврди одличната форма на Брест Бретањ. Ракометарките на Мец постепено влегуваа во серија на грешки и веќе по 10 минути игра во вториот дел се знаеше победникот на натпреварот. Домаќинките беа поддржани од голманското дуо Тофт – Дарле кои имаа одличен процент на одбранети удари.

Со цврстата одбрана на двете екипи, натпреварот го одбележаа и неколку исклучувања и по еден црвен картон кај двата противника. Најефикасни во екипата на Брест Бретањ беа Ана Грос со десет и Ѓурѓина Јауковиќ со шест гола. Во поразената екипа, Луис Бургард и Хелена Сајка беа најефикасни со по четири погодоци.

Реванш натпреварот помеѓу овие две екипи е закажан за 10 април во Мец со почеток од 16 часот. Ракометарките на Мец се во (не)возможна мисија, па така најверојатно формално ќе го одиграат натпреварот.