Брестовац: Списокот не е конечен, ако некој откаже – местото ќе се пополни со домашен играч

Машката ракометна репрезентација на Македонија ја очекуваат натпреварите против Финска и Швајцарија од квалификациите за Европското првенство 2022 година во Унгарија и Словачка.

Селекторот Данило Брестовац во понеделникот објави широк список од 35 ракометари, а денеска беше објавен скратениот од 19 играчи, на кој ги нема Борко Ристовски и Гоце Георгиевски.

Ристовски е повреден и мора да оди на терапија во следните десетина дена, но ако има потреба ќе помогне. Засега на голманската позиција остануваат триото Митревски, Кизиќ и Томовски.

Брестовац вели дека овој список не е конечен и ќе претрпи измени ако има потреба за тоа, доколку не можат да дојдат играчите од Вардар што треба да бидат во изолација.

„Овој список е даден пред неколку дена. Ние мора да тргнеме од некаде, чекаме откази, мора да бидат пуштени барањата во клубовите и да ги известиме за настапите на репрезентативците и за странските играчи да може да дојдат навреме. Мора да тргнеме со еден список, како ќе се откажуваат дел од играчите, така ќе ги покриваме празнините со ракометари од домашните клубови. Сите ќе бидат тестирани и ќе почнеме да работиме од понеделник“, вели Брестовац за 24Ракомет.

Ракометарите од странство ќе доаѓаат петок, сабота и недела и во понеделник веќе треба да биде јасно како ќе изгледа конечниот список на играчи.

„Вака тргнуваме со еден отворен список, ги чекаме отказите и тестирањата. Кој е негативен ќе остане во карантинот во хотел, кој ќе биде позитивен ќе се покрие со македонски играч. Беше важно да испратиме до денеска мејлови со барања во клубовите на интернационалците. Алтернативата е да се покриеме само со домашни ракометари“, заврши Брестовац.

Македонија ја пречекува Финска на 4 ноември во СЦ „Борис Трајковски“ додека на 7 ноември ќе патува за Швајццарија.