Репрезентацијата на Македонија како прва резерва за Светското првенство во Египет доби можност за настап на уште еден Мундијал. За двајца членови од сегашната репрезентација ова ќе значи враќање во Египет после учеството во 1999 година.
Покрај капитенот Кирил Лазаров кој тогаш првпат настапи на едно првенство исто така и селекторот на машката сениорска репрезентација Данило Брестовац ќе има враќање после 22 години во Египет, но сега како селектор и предводник на една друга генерација на Македонија.
Данило Брестовац ја предводи репрезенрацијата од февруари во 2019 година кога го наследи Раул Гонзалес. Прв вистински предизвик на Брестовац беше двомечот со Исланд во квалификациите за ЕУРО 2020 кои беа одлучувачки и Македонија обезбеди пласман.
Откако коронавирусот диктираше кој ќе игра на Мундијалот, поранешниот голман на репрезентацијата на Македонија ќе има можност да ја предводи репрезентацијата на ново големо натпреварување после европското првенство минатата година.
Во тогашната репрезентација покрај голманот Брестовац уште настапија и голманите Ходик и Петковски, а дел од екипата беа и Алушовски, Марковски, Јовиќ, Зарков, Котевски, Лазаров. На првенството во Египет Македонија ќе игра против Чиле, Египет и Шведска во прелиминарната фаза.