Селекторот на Македонија, Данило Брестовац при гостувањето во Телевизија Телма јавно објави дека планира да го исполни својот договор со Ракометната федерација на Македонија кој е со рок од три години.
Тој објави дека нема да го напушти кормилото на националниот тим и дека ќе продолжи со започната работа односно со подмладувањето на селекцијата и смета дека сме на добар пат да успееме во остварувањето на овој процес.
„Не би требало после ова прво големо натпреварување да го напуштам бродот. Мислам дека сме на добар пат освен овој резултат кој го имавме на крајот на Европското првенство. На добар пат сме да ја подмладиме репрезентацијата. Имам договор на три години со РФМ и ова Европско првенство не би требало да не обесхрабрува. Во оваа селекција има добри играчи, едно првенство не те прави ниту подобар ниту полош ракометар. Мораме да бидеме трпеливи. Свесен сум дека има незадоволство од некои играчи. Сепак, верувајте дека се работи за одлични момци и за одлични спортисти. Мораме да се научиме да влеземе во еден систем на размислување каде што ниту еден дуел, ниту едно натпреварување не смее да не обесхрабри и да лепиме етикети за некого дека знае или не знае. Мораме да бидеме трпеливи за она што ќе следува и пак ќе бидеме сведоци дека се работи за квалитетни луѓе и квалитетни ракометари“, изјави Брестовац при неговото гостување во Телевизија Телма.
Останува деновиве да се види кога ќе биде следната активност на сениорите однодно дали на патот до СП 2021 ќе мора да се одиграат два или само еден бараж.