Брестовац: Нема „бело знаме“ со Шведска, колку и да сме неподготвени

Машката ракометна репрезентација на Македонија за околу 48 часа, од тренинг успеја да стигне до Каиро и веќе да се подготвува за вечерниот меч со Шведска (20:30 часот), прв во групната фаза на Мундијалот во Египет.

Паралелно со хаосот околу организација за пат, летот до Египет, ковид-тестовите, репрезентацијата собираше информации за првиот противник Шведска. Швеѓаните нема да личат на себе, ќе им недостасуваа многу првотимци со оглед на позитивните случаи од коронавирусот, а и за таков ривал Македонија има само неколку часа за подготовки.

„Македонија на СП ќе настапи со состав, кој е во фаза на формирање. Но, верувам дека и со овој тим можеме рамноправно да се носиме со сите, пред се со ривалите во нашата група. Со оглед на кусиот временски период кој го имавме, но и промените кои Шведска ги има во составот, се потрудивме да најдеме што е можно повеќе материјали за што подобро и побрзо да се подготвиме. Колку и да сме неподготвени, нема однапред да се предадеме, нема бело знаме. Учеството на првенството е награда за нас, но не треба да се задоволиме само со тоа. Ќе бараме место и во следната фаза“, најавува селекторот Данило Брестовац.