Брестовац: Кај сите ракометари видов желба да се наметнат

Македонската машка репрезентација во комплетен состав го одработија претпоследниот тренинг пред дуелите со Грузија во Скопје. Селекторот Данило Брестовац има на располагање 22 ракометари, меѓу кои и новото име од Пролет – Михаил Аларов. Тој вели дека кај сите ракометари што играа во Турција имало желба да се наметнат кај него.

„Одигравме борбено, дисцилирано, кај сите имаше желба да се наметнат, се гледа кај сите, но можностите се друго. Покрај овиде два меча со Турција и Италија, ќе играме и со Грузија, па потоа ќе имам комплетна слика со што располагам, и што и како ми треба. Ќе направам анализа на сите одиграни натпревари, па на 21 декември ќе имам поширока репрезентација со која ќе одиме на „Трофеј Карпати“, а тоа ќе биде последниот филтер пред Европското првенство“, вели Брестовац.

Селекторот вели дека играчите мора да бидат подготвени за настап на турнирско натпреварување, и многу натпревари за кратко време.

„Квалитетот што го имаат Талески, Кузмановси, Лазаров…не е спорен. Ротацијата е многу важна. На секое големо натпреварување се мачиме со ротацијата. Треба да се воиграат сите нови играчи. Мораме да склопиме ротација, да имаме играчи што ќе одговорат на задачи на турнирско натпреварување. Против Турција одигравме фантастично, а потоа имавме проблеми со Италија иимавме повеќе технички грешки. Натпреварите што ги играат во Македонија за овие млади момци не се доволни. Јас поголем дел од младите играчи ги имам тренирано во клубовите и во младинските селекции како Танкоски, Јагуриновски, Мишевски…Мораме да бидеме трпеливи со нив, и полека да го минат прилагодувањето од младински во сениорски ракомет. Да им помогнеме полесно да ги поминат „детските болести“. Што побрзо го надминеме тоа, толку побрзо ќе имаме добра репрезентација“, бели Брестовац.

Нашиот селектор вели дека секогаш е проблематично да се ротираат сите играчи, а притоа да имаме добар резултат.

„Многу е тешко да ротираш, а притоа да го гледаш и резултатот. Потсвесно пак се трудите да бидете во игра, но некогаш тоа ви бега од контрола. Со ротацијата на пример во Италија, тие ни направија серија и поведоа со пет голови, а потоа морав да барам други играчи, за да се вратиме во нормала. Поповски погоди за нерешено, но претходно Маџовски и Поповски не погодија, па ако се одлепевме немаше да има драма на крајот“, заврши Брестовац.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Грузија се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ од 20:00 часот, додека втората средба е на програмата од 16:00 часот в сабота на истото место.