После дознавањето на името на противникот за баражот за Светското првенство во Египет, нема задоволство кај селекторот и ракометарите бидејќи не можеше да се добие посилен и понезгоден ривал за овие натпревари. Македонија немаше среќа и налета на Франција која ќе биде пеколно тешко да биде помината.
Со оглед на тоа што Македонија има големи промени во тимот и сигурно уште ќе се менува јасно е дека ова уште повеќе ќе ги отежне работите против Французите.
„Го добивме најтешкиот можен ривал против кој шансите ни се со најмал процент. Сепак, треба прво да почекаме да видиме какви промени ќе има во Франција односно со каков состав ќе излезе во квалификациите за Олимписките игри. Во секој случај се работи за одлична селекција. На нас, пак, ни останува да почекаме да видиме каква ќе биде ждрепката за Европското првенство. Досега младите имаа можност да играат на големите натпреварувања, но сега е на нив да го трасираат патот“, вели селекторот Данило Брестовац во коментар за 24 Ракомет.
Против „триколорите“ сме имале натпревари и досега и секогаш сме минуале тешко.
„Со ривал како Франција не е ниту предност ниту минус играњето на првиот натпревар дома. Со ваков противник мора да се одигра на високо ниво и максимално коректно на двата натпревари. Тука ќе видиме дали сме на добар пат за следните квалификации за Европското првенство каде што ќе немаме многу избор и ќе мораме да дадеме максимум. Едноставно на следното ЕП пак ќе се прави ранкингот за баражите за следното СП и затоа мораме да одработиме добро“.
Јасно е дека ќе има промени во составот, а уште сега целта е Европското првенство 2022 бидејќи сосема извесно е дека тешко ќе може да се надигрува со Французите во 120 минути.
„Она што јас го имам замислено и како се развиваат младите во клубовите можам да ги вклучувам во сениорската репрезентација. Јас имам договор на три години и цел да ја подмладам репрезентацијата. Важно е да се фати континуитет. Првата пречка беше ЕП 2020, а се извадивме на дуелите против и го задржавме ритамот. Се надевам дека ќе го продолжиме континуитетот, но битно е што посилни да влеземе во тие квалификации за ЕП 2022. Сè ќе зависи од следното ЕП за развојот на оваа селекција“, коментираше Брестовац за 24 Ракомет.
Натпреварите против Франција ќе бидат одиграни на почетокот на јуни.