Македонија денеска го игра третиот, последен и решавачки натпревар од групната фаза на Мундијалот во Египет.
Противник е селекцијата на Чиле, која подготовките за СП ги мина во Скопје и одигра две пријателски средби со Македонија.
Селекторот Данило Брестовац знае од каде доаѓа опасноста и на кои играчи во чилеанската селекција треба да им се посвети внимание.
„Нивна главна карактеристика е што се воиграни како една група. Имаат неколку играчи кои се опасни и на кои треба да се посвети внимание. Во дилема сум за одбраната, дали да играме 6-0 или 5-1. Мора да се спречи нивната игра со кружниот напаѓач. Нивната подвижност ќе ни биде предизвик. Ако секој одигра како што најдобро знае, победата е неминовна. Не смееме да го потцениме противникот и да мислиме дека не треба да го дадеме максимумот на теренот. Не ни е сеедно, најтешко ни е бидејќи сме ние тие кои играме на теренот и ја претставуваме државата“, вели Брестовац.
Натпреварот меѓу Македонија и Чиле се игра денеска со почеток во 15:30 часот.