Македонската машка сениорска репрезентација во Маврово ја одработува втората фаза од подготовките пред настапот на Светското првенство кое од 11 до 29 јануари ќе се одржи во Полска и Шведска.
Селекторот Лазаров формираше тим кој треба да претставува спој на младост и искуство, а во него се најдоа и едни од најперспективните македонски ракометари браќата Павле и Петар Атанасијевиќ.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер со нетрпение и голема мотивација го дочекуваат ова првенство, сметајќи дека Македонија има шанса да биде големо изненадување на истото.
„Досегашниот дел од подготовките го одработивме добро и ако продолжиме вака мислам дека имаме шанса да бидеме најголемо изненадување на првенството. Ја гледаме мотивацијата во самите себе, има голема мотивација во екипата, одлична атмосфера, и мислам дека ќе успееме во тоа“, изјави Павле Атанасијевиќ.
И Петар Атанасијевиќ го дели мислењето на својот брат Павле, а тоа е дека Македонија е подготвена да го земе скалпот бар на еден од противниците во групата.
„Мислам дека можеме, ние сме спој од младост и искуство. Ќе биде нов предизвик за нас, мислам дека можеме да добиеме еден натпревар, не знам против кого ама мислам дека ќе победиме“, заврши Петар Атанасијевиќ.
Македонија е во група со Норвешка, Аргентина и Холандија, а првиот меч е веќе на 13 јануари против Норвежаните.