Актуелниот бранител на титулата на Европското првенство, селекцијата на Норвешка не дозволи изненадување на стартот на континенталниот собир, откако во првиот дуел против бронзената репрезентација од претходното ЕП, Хрватска, триумфираше со 32:23. Хрватска во дел од натпреварот знаеше да одигра добро, парираше во неколку наврати, но освен почетните 1:1, сѐ друго мина во знакот на Мерк и колешките.
Двете репрезентации дуелот го започнаа во грч, не реализираа во првите два напади, а првиот гол го постигна скандинавската селекција за водство од 1:0. Избраничките на Ненад Шоштариќ израмнија на 1:1 и во понатамошниот тек од првото полувреме бркаа резултатска негатива од три до четири гола разлика. Норвешка со искусната Катрин Лунде на голот и бековската линија, која ја сочинуваа Мерк, Офтедал и Рејстад, градеше сигурна предност и беше подоминантна во дуелот против ,,коцкестите”.
Норвешка за десетина минути игра дојде до ,,плус три” и водство 5:2 и до крајот на првиот дел имаше целосна контрола на резултатот, иако сѐ уште ништо не беше одлучено, бидејќи упорните ракометарки на Шоштариќ со серија од 4:1 намалија на 10:9, откако претходно Норвешка водеше со 7:4, 8:5 и 9:5. Избраничките на Торир Хергеирсон се консолидираа, повторно се одлепија на три гола разлика, 12:9 и на полувреме имаа активен резултат од 16:14.
Хрватска на стартот на вториот дел со голот на Стела Посавец намали на 16:15 и никако не можеше да дојде до изедначување. При водство на Норвешка од 19:17, ракометарките на Хрватска за момент намалија на 19:18 и во тој момент како да кренаа раце од дуелот против разиграните норвежанки, кои со серија од 3:0 дојдоа до 22:18 во 40 минута. Хрватска во останатите 20 минути целосна падна и физички и психолошки, не можеше да се носи против поискусните ракометарки на Норвешка и при резултат од 28:22 во 50 минута јасно беше дека Хрватска нема никакви шанси за барем бод.
Најефикасни во репрезентацијата на Норвешка беа Нора Мерк со осум и Хени Рејстад со седум погодоци. Во таборот на Хрватска, која на Европското првенство настапува без носителот на играта Чамила Мичијевиќ, се истакна Стела Посавец со четири погодоци.