Третопласираниот тим по есенскиот дел од сезоната во македонската Суперлига, Бутел Скопје, почна со градењето на тимот за наредната сезона.
Прв што го продолжи договорот со Бутел Скопје е десното крило Бојан Спасовски, кој покажува одлични изданија оваа сезона.
„Задоволен сум што го продолжив договорот со Бутел Скопје и што понатаму ќе го носам дресот на овој клуб. За мене како млад играч од особено значење е можноста што ја добивам во Бутел Скопје да напредувам како ракометар. Тука ги имам сите услови за тоа и се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата на тренерот и управата“, изјави Спасовски.
Новиот договор е на две сезони, а Спасовски на десната крилна позиција ја дели минутажата со искусниот Златко Мојсоски.