Раководството на Вардар на денешната прес-конференција ги откри идните планови на клубот и промените во раководниот и спортскиот дел. Освен Стојанче Стоилов, целосно од терените се повлекува и Борко Ристовски, но екс македонскиот репрезентативец останува во ракометните води.
Ристовски влегува во раководството на Вардар и ќе има нова улога, односно ќе биде извршен директор на „црвено-црните“.
Тој се врати пред три години во Вардар, од португалската Бенфика и донесе сигурност меѓу стативите на поранешниот македонски шампион.
Во поголемиот дел од својата кариера настапуваше во странство, освен во Бенфика, беше дел и од каталонскиот гигант Барселона, го чуваше голот и на бундеслигашите Рајн Некар, Лемго, Гумерзбах, како и на францускиот тим Кретеј.
Минатата сезона со Вардар го освои третото место во домашниот шампионат и пехарот во Купот на Македонија. Во финалето од Купот, против Еурофарм Пелистер, имаше одлични партии и на крајот беше прогласен за МВП.