Повремената репрезентативка на Македонија, Александра Боризовска, во следната сезона ќе остане во екипата на ПАОК откако со раководството на клубот од Солун ја продолжи соработката на уште една година.
Боризовска, која настапува на позицијата лево крило, во редовите на ПАОК пристигна на почетокот на оваа година откако реши да го раскине договорот со првиот интернационален клуб, хрватски Умаг.
За само пет месеци, ракометарката од Куманово покажа одлични настапи и доби високи оценки од стручниот штаб на ПАОК. Боризовска во Македонија го носеше дресот на Куманово и со кумановскиот тим две сезони, 2019/20 и 2020/21 беше освојувач на домашната титула и титулата во Купот на Македонија.
Екипата на Паок во последните години доминира во Грција, а во сезоната што измина успеа да ја одбрани дуплата круна. Во овој клуб настапува и екс ракометарката на Металург, Марија Николиќ.