Екипата на ПАОК, во која настапуваат двете интернационалки од Македонија, Александра Боризовска и Сања Дабевска, обезбеди пласман во финалето од Купот на Грција и ќе го брани освоениот трофеј од минатата година.
Тимот од Солун во полуфиналниот дуел против екипата на Артас обезбеди победа од 29:28 (15:15) и минималниот триумф беше сосема доволен за ПАОК да игра во финалето во Купот на Грција.
На овој натпревар, повремената репрезентативка на Македонија, Александра Боризовска беше меѓу најдобрите стрелци во победничката екипа, постигна четири погодоци, додека Сања Дабевска не успеа да се запише во листата на стрелци.
Довчерашната ракометарка на Деспина, Сања Цветкоска во дресот на Артас запиша два погодоци.
ПАОК во финалето ќе игра со победникот од дуелот меѓу екипите на АЕК и ОФИН. Во претходната сезона ПАОК ги освои сите титули на домашна сцена.