Интернационалката од Македонија, Александра Боризовска продолжува со одличните партии во шампионатот на Хрватска. Во натпревар од 11. коло, Умаг славеше убедлива победа против Трешњевка со резултат 37:28.
Поранешната ракометарка на Куманово беше главна актерка во нејзината екипа. Натпреварот го заврши како најефикасна во составот на Умаг со осум постигнати погодоци и зад своето име запиша една асистенција.
Со победата против Трешњевка, екипата на Умаг останува меѓу најдобрите осум екипи во Хрватска. Поради настапите на репрезентацијата на Хрватска на Светското првенство во Шпанија кое започнува на 1 декември, како и репрезентативните обврски на дел од странските ракометарки, хрватскиот шампионат ќе продолжи во текот на месец јануари, 2022 година.
Во 12. коло, Боризовска и нејзините колешки ќе го одиграат дерби натпреварот против Сесвете. Со евентуална победа, ракометарките на Умаг ќе имаат голема шанса да се борат за место меѓу најдобрите пет екипи.