Ракометарите на Борец во рамки од 7. коло од плеј-аут фазата во Првата лига пред својата публика триумфираа над првопласираната екипа, Астраион, со три гола разлика, 31:28.
Велешани со новите бодови се зацврстија на 4. позиција на табелата со 22 бода, додека Астраион има два бода повеќе (30) од второпласираниот Металург РА, кој има натпревар помалку.
Победникот во спортската сала „Гемиџии“ беше одлучен во последните минути од натпреварот кога домаќините ги искористија двете исклучувања на гостите и од 28:28 дојдоа до конечни 31:28.
Во егал натпреварот, двете екипи се менуваа во водство, па така резултатот најчесто беше изедначен. Астраион на полувреме замина со два гола предност, 15:17, но во клучните моменти, избраниците на Пепи Пецанов не беа доволно концентрирани во организирањето на нападите.
Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од редовите на Астраион, Васко Стојанов со 11 погодоци. Во составот на Борец се истакнаа Димитар Минов со девет и Лазар Стојанов со седум погодоци.