Повратникот во суперлигашката конкуренција, Младост Богданци, ја оствари првата победа во елитното друштво. Во салата „Млаз“ во интересен натпревар беше совладана екипата на Тиквеш со 27-25.
Според очекувањата, во Богданци во почетните дваесетина минути се играше гол за гол. Двете екипи се менуваа во водството, но ниту една до 9-9 не успеа да се одлепи на повисока предност од еден гол.
Кавадарчани, кои не можеа да сметаат на левото крило Коцев и десното крило Хапал, влегоа во серија грешки, па Младост ги казни и поведе со 12-9. До крајот на полувремето, домашните ја сочуваа разликата и на пауза се замина со 13-11.
На стартот на вториот дел беше 14-11, но следуваше одлична серија на избраниците на Томе Петрески. Кавадарчани поведоа со 14-15, на петнаесетина минути до крајот беше и 17-20.
Се чини дека предвеме почнаа да се радуваат, па домашниот тим кој е спој на младост и искуство набрзина се врати во игра и со пресврт водеше со 21-20. Кавадарчани имаа уште една можност, поведоа со 21-23, но имаа многу пропусти во одбраната и Младост пак направи пресврт, 25-23.
Беше 26-25 во последната минути, кавадарчани одиграа пресинг, но не успеаја да го запрат Димитров кој од тешка позиција погоди во нивната мрежа за конечни 27-25.