Аеродром во последните неколку сезони бележи голем напредок, сениорите стигнаа до пласман во Супер лигата и во новата сезона ќе играат со најдобрите екипи на домашно тло, додека пионерите во својата конкуренција ја освоија шампионската титула. Од овој клуб произлегоа низа талентирани играчи, дел од нив веќе настапуваат во сениорската и младинската репрезентација на Македонија.
Новиот суперлигаш Аеродром ќе го има дебитанскиот настап во најсилното натпреварување во Македонија. Клубот кој главно се потпира на млади играчи ќе има за цел добро да се претстави во македонската елита и да стекне уште поголемо искуство.
Аеродромци нема да имаат голем притисок, бидејќи заедно со Мулти Есенс се новаци меѓу најдобрите екипи во Супер лигата. Младите ракометари кои макотрпно работеа за да стигнат до Супер лига, сега ќе работат да го задржат сиперлигашкиот статус и да го покажат најдоброто од себе.
Тимот на Дарко Петровски пред две сезони имаше шанса да влезе во суперлигашкото друштво, но во бараж дуелот против Скопје загуби на пенали.
Голманот на Аеродром, Марко Бодановски, за 24Ракомет ги сподели своите очекувања и истакна дека неговиот тим ќе покаже квалитетна игра против сите суперлигашки ривали.
„Иако сме релативно помлади, Аеродром од година во година расте и созрева во сериозен клуб, најпрво во Првата лига, а сега се надевам и во Супер лигата. Мислам дека таа нереќна пенал серија со Скопје ни даде мотив плус за работа и за докажување, па така веќе во новата сезона успеавме да обезбедиме учество меѓу најдобрите во Македонија. Во сезоната што претстои ќе ја прифатиме улогата на аутсајдери, најмногу заради тоа што сме млад тим, тим кој што е желен за докажување и за играње модерен ракомет. Сепак, можам да кажам дека ќе се носиме со сите екипи и со екипи кои континуирано се натпреваруваат во Супер лигата, и секако, ќе се бориме за што повисок пласман” изјави Богдановски.
Тој веќе има суперлигашко искуство и се надева дека со стекнатото искуство ќе може да му помогне на новакот во Супер лигата.
„Јас ја имав среќата како многу млад голман, некое време да играм во Супер лигата. За мене тоа беше одлично искуство на таа возраст да научам многу за професионалниот ракомет. И овие три сезони во Аеродром, таа идеја ме мотивираше да придонесам да бидеме квалитетни за да се приклучиме на најдобрите клубови во Македонија. Сега се чувствувам сериозно подготвен сето мое искуство кое го стекнав, да го покажам на терен”.
Аеродром пласманот во Супер лигата го обезбеди откако заврши на втората позиција во прволигашкиот плеј-оф.
„Пласманот во Супер лига е своевидна историја за Аеродром, но и за сите нас како играчи. Изминатите години имавме многу тажни и среќни моменти заедно, и така создадовме една хомогена екипа. Хемијата помеѓу играчите и стручниот штаб е на врвно ниво и мислам дека тоа е причината што направивме голем успех. Како тим составен единствено од македонски играчи, можам да кажам дека Првата лига е извор и рудник на многу млади и талентирани играчи, кои подоцна преминуваат во нашите суперлигашки екипи или заминуваат во странство”.
Дебитантот за ривали во регуларниот дел од Супер лигата ги има Охрид, Тиквеш, Куманово, Алкалоид, Струга, Скопје и Еурофарм Пелистер 2, Според Богдановски, тимот на Аеродром може да оствари добар пласман, но и да биде пријатно изненадување во рамки од групата А.
„Според мене имаме одлична група и противници кои подолго време се натпреваруваат во најдобрата лига. Ги почитувам сите, но и не сметам дека треба да се плашиме. Ние сме млад тим, и како што кажав ќе ја прифатиме улогата на аутсајдери. Сепак, ова е игра со топка и сите имаме шанса за успех. Затоа ние цврсто ќе се бориме за што подобар пласман, а зошто не и за плеј-оф. Имавме одлични подготовки и одлични контролни натпревари каде што нашите тренери можеа да видат со што располагаат. Генерално нашиот тим е истиот од минатата сезона, со неколку новајлии и повратници кои одлично се вклопија во приказната и целиот тим е подготвен за новата сезона. Можам да кажам дека на нас најсилното оружје ни е самиот тим, и фактот што сме најмлад тим кој може да изненади”.
Ракометарите на Аеродром првиот дуел ќе го одиграат на гостински терен против екипата на Куманово, која исто така го задржа речиси целиот ростер од минатата сезона.
„Куманово е квалитетна екипа која веќе е стабилна во Супер лигата и ќе биде одличен прв противник за нас. Ги познаваме уште од Првата лига и активно се подготвуваме за натпреварот со нив. Ние во новата сезона ќе растеме од натпревар во натпревар и ќе играме против секоја екипа на максимално ниво. Одиме мирно и без непотребен притисок, чекор по чекор и од натпревар во натпревар ќе видиме како ќе се движат работите. Мотивацијата ни е на многу високо ниво и секогаш сме подготвени за докажување во секој натпревар, независно дали станува збор за плеј-оф или плеј-аут.
Тимот на Аеродром натпреварите од Супер лигата ќе ги игра во СЦ „Јане Сандански“. Богдановски се надева на голема поддршка од трибините за домашните дуели.
„Голема чест е да се игра во сала која на Македонија и ги донела најголемите ракометни победи во поновата историја. Нашиот клуб, за среќа, веќе подолго време има голема посетеност иако игравме надвор од нашата општина. Малку е да се каже дека сме една голема фамилија со сите кои постојано не поддржуваат. Сега се надевам дека симпатизерите на Аеродром ќе бидат во уште поголем број во новата сезона и ја користам и оваа прилика да ги повикам да не бодрат и оваа година”.
Богдановски во Аеродром работи под палката на некогашната репрезентативка на Македонија, Тања Андрејева.
„Со тренерот Тања имам создадено одлична комуникација која што ни носи резултати како на индивидуално така и на тимско ниво. Огромен дел од мојот напредок како играч се состои во соработката и тренинзите со неа. Тања е долго во ракометот и има огромно искуство и како голман, но и како тренер. Се сеќавам дека уште како дете се радував на нејзините одлични настапи во клубовите и за македонската репрезентација. Она кое што ни го пренесува мене и на колегите, но и посветеноста и напорната работа, сите нас ни помага да бидеме подобри голмани. Кога си на тренинг со тренер од нејзин калибар се исклучуваш од сѐ наоколу и си максимално фокусиран на она што се работи. Тоа бара огромна дисциплина, концентрација и посветеност. Но Тања, освен тренер ѐ и наш пријател и советник и надвор од теренот”.
Младиот голман лесно се одлучил да ја продолжи соработката со новиот суперлигаш.
„Пред некое време бев во ситуација кога се соочував со ракометни и лични дилеми. Тогаш тренерот Дарко Петровски беше оној кој ми пружи рака. Во период во кој одредени клубови не ми ја дадоа вистинската шанса и некако ја фрлија во сенка мојата работа, Дарко и Тања препознаа нешто кај мене, и ми пружија простор да го работам она што најмногу го сакам. Ланската сезона заедно испишавме историја и голем успех, па оттука лесно ми беше да одлучам да ја продолжам соработката со Аеродром”, заврши Богдановски.
Во првото коло, Аеродром игра против Куманово, потоа на свој терен игра пртоив Тиквеш, па следуваат дуелите со Скопје, Алкалоид, Еурофарм Пелистер 2, Охрид…