Поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Бобан Каковски, кој во изминатата сезона настапуваше за Радовиш, односно Металург и кој во оваа сезона го има првиот интернационален предизвик, заедно со екипата на Сант прославија убедлива победа против Гонфревиле со седум гола разлика, 28:21 (12:11) во натпревар од второто коло од третата француска лига.
Младиот ракометар од Македонија имаше свој придонес во убедливата победа. Битолчанецот дадената шанса на терен максимално ја искористи и натпреварот го заврши со еден постигнат гол и подели неколку асистенции кон неговите соиграчи.
За екипата на Сант, која има амбиции да обезбеди пласман во второлигашкото друштво во Франција, оваа победа беше многу важна, со цел да ги задржи шансите за остварување на зацртаните цели, иако до крајот треба да одигра уште 24 натпревари.
Во следното, трето коло, ракометарите на Сант ќе играат против директниот ривал за првото место, екипата на Ангерс, која исто така во првите две кола немаше многу проблеми и оствари две рутински победи.