Ракометарите на Јехона забележаа убедлива победа на домашен терен во ефикасен натпревар против екипата на Партизан со 42:33 во 8. коло од групата А во Првата лига.
Јехона уште во почетните минути направи добра предност и најави триумф на овој дуел. Домашните поведоа со 5:2, а потоа и 10:5, а Партизан немаше одговор на играта на Јехона и постојано се зголемуваше негативата.
После 30 минути игра Јехона беше на чекор до победата и водеше 20:12. Во вториот дел продолжи ефикасната игра, а домашниот тим рутински го контролираше резултатот и стигна до убедлив и сигурен триумф.
Предводник до победата на тимот на Јехона беше Адис Слиу со 14 погодоци, а Стефан Бошковски постигна девет гола. Во тимот на Партизан, Димитар Узунчев погоди десет пати, а Тодор Узунчев осум пати.
Со овој триумф Јехона се израмни со Драчево со по 15 бода и се наоѓаат веднаш зад водечките Младост и Вардар Неготино кои имаат по 18 бода.