Ракометарите на Барселона славеа убедлива победа над унгарскиот Веспрем со 35-30 и направија голем чекор кон второто место, односно директен пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Во првите десетина минути се играше гол за гол до 5-5, пред Фабрегас и Н’гесан да донесат плус два за Барса, 7-5. Веспрем заигра подобро во одбрана, Коралес фати неколку топки и унгарскиот тим се врати во мечот.
Најпрво израмнија на 7-7, потоа искористија уште две грешки на домашните и имаа предност од два гола, 7-9. Де Варгас беше одличен во продолжение и Барса се врати во игра, но на пауза се замина со реми, 13-13.
Во вториот почнаа да погодуваат Циндриќ и Мем, Веспрем возврати на спротивната страна, но по 20-19, Барса зголеми на плус три, 22-19 и до крајот не ја испушти предноста.
Гостите се обидуваа со сите оружја, но немаа сили за камбек во финишот на натпреварот. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мем со седум гола, како и Н’Гесан, Циндриќ и Гомез со по пет погодоци, додека кај Веспрем се истакна Јахија со осум гола. Де Варгас собра 16 интервенции, а Коралес имаше 11 одбрани.