Европското првенство за кадети, кое се одржува во престолнината на Црна Гора, Подгорица, е пред самиот крај. Утре ќе се одиграат натпреварите за прво, трето, петто и седмо место, а денес се одиграа натпреварите за разигрување за пласман од 9 до 12, односно од 13 до 16 место.
Денешниот ден во Подгорица го одбележа ракометарот на Србија, Симо Шијан, кој со 17 погодоци ја испрати Франција во ЕХФ шампионатот, откако со неговата репрезентација славеа против „триколорите“, со резултат 28:24 (14:11) во натпревар за 13. позиција на кадетскиот континентален собир.
Поразот од Србија за Франција значи преселба во понизок ранг на натпреварување. Франција заедно со Полска и Италија, репрезентации кои завршија на 15 и 16 место на ЕП за кадети, испаѓаат од европската елита и ќе играат во ЕХФ шампионатот. Трите репрезентации нема да настапат на Европското младинско првенство во 2024 година.
На нивно место на младинскиот собир во 2024 година ќе играат победниците од ЕХФ шампионатот во Летонија, Романија и Израел. Во игра за обезбедување пласман на Европското првенство за младинци во 2024 година е нашата репрезентација, која утре против Швајцарија ќе го одигра финалето на ЕХФ шампионатот во Летонија.