Ракометарите на Бутел Скопје утре го играат реванш натпреварот од второто квалификациско коло во Лигата на Европа против австриската екипа Алпла Хард.
Голманот Бојан Блажески вели дека тој и неговите соиграчи ќе дадат се од себе да ја искористат историската шанса и да обезбедат место во групната фаза.
„Натпреварот е од големо значење за нас како клуб и како поединци. Ова е историска шанса за која ќе дадеме максимално од нас да ја искористиме. Алпла Хард е одлична екипа со добра ротација и постојано гледат да го казнат противникот со брза игра без разлика на резултатот“, вели Блажески.
Сега откако веќе е одигран првиот меч, стручниот штаб има целосна слика, како игра ривалот.
„Имаат цврста одбрана која тешко ја пробивавме во првиот натпревар. Рецептот за триумф е цврста одбрана, технички грешки да се сведат на минимален број и добра реализација. На првиот меч одигравме квалитетна одбрана но ни фалеше дисциплина во нападот и реализација во клучни моменти“, продолжи Блажески.
Бутел Скопје ќе биде комплетен на утрешниот натпревар и ќе се обиде да ја достигне високата негатива.
„Сега ќе имаме поголем ростер на располагање и подобра свежина во играта. Ние сме мотивирани и ќе дадеме се од себе за да приредиме одлична партија и резултат. Негативата не е мала, но исто така не е недостижна“, вели Блажески.
Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Алпла Хард се игра утревечер во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:45 часот.