Репрезентацијата на БиХ, која остана без неколку искусни ракометари, во иднина ќе може да смета на услугите на десниот бек Марко Паниќ. Ракометарот, кој моментално е член на Монпелје од Франција, поради несогласувања со поранешниот селектор на БиХ, Ивица Обрван, околу две години не настапуваше за босанската репрезентација.
Ракометниот сојуз на БиХ во текот на месец март, 2022, го промовираше новиот селектор, Тони Чолина, откако Ивица Обрван реши да ја напушти селекторската функција.
Паниќ во интервју за босанскиот весник „Дневни аваз“ најави враќање во репрезентативниот дрес надевајќи се дека нема да се повторат грешките од минатото, кога Обрван ја подмлади босанската репрезентација.
,,Јас стојам на располагање, моето мислење во врска со прашањето за подмладување на репрезентацијата не се менува и нема да се менува во иднина, бидејќи играчите кои влегоа уште не се дораснати за оние кои што си заминаа. Подмладувањето беше неуспех и поради тоа репрезентацијата ќе оди во надолна линија неколку години. Сепак, има десетина играчи кои се неколку години со тие сениорски репрезентативци и мислам дека можеме повторно да составиме добар состав за да избориме пласман на големите натпреварувања”, изјави Паниќ за „Дневни аваз“.
Пред неколку месеци, Никола Прце и Владимир Врањеш решија да се повлечат од репрезентацијата на БиХ, која на Европското првенство во Унгарија и Словачка, под водство на Обрван, го освои 23 место.