По Металург и Бутел Скопје, тимот на Еурофарм Пелистер 2 е третиот учесник во плеј-офот од суперлигашката група Б, откако победи на гостувањето кај Прилеп со убедливи 16-23. Иако домаќините покажаа заби во првиот дел, сепак битолчани на стартот на вториот дел комплетно го скршија нивниот отпор.
Двете одбрани беа на ниво на задачата во првото полувреме, на чело со голманите Цинцадзе и Ивановски. Чантурија донесе водство за Прилеп со 1-0, а во продолжение битолчани ја преземаа контролата.
Водеа најчесто со еден или два гола разлика, иако и тие играа под притисок и промашуваа неколку чисти ситуации. Прилеп остана без еден од дефанзивците, Ивица Дукоски, кој доби трето исклучување во 22 минута и мораше да се пресели на трибините.
Јован Талевски на две минути до крајот на првиот дел донесе плус два за Еурофарм Пелистер 2, 7-9, а на пауза се замина со тој резултат иако двете екипи имаа шанси да постигнат уште по некој гол.
По 8-10 на стартот на второто полувреме почна крајот на надежите на прилепчани за позитивен резултат во овој натпревар. Битолчани нагазија, почнаа да погодуваат од сите позиции, на ова се надоврза голманот Ивановски со неколку интеревнеции во серија и веќе беше 8-17.
До крајот на мечот, избраниците на Александар Јовиќ ја одработија задачата рутински, славеа со 16-23 и заслужено се радуваа на место меѓу најдобрите осум екипи во елитната македонска конкуренција.