Ракометарите на Еурофарм Пелистер во пријателски натпревар, кој беше одигран во СЦ „Јане Сандански“ ја совладаа репрезентацијата на Саудиска Арабија со резултат 28:22.
Еурофарм Пелистер на овој натпревар настапи со комбиниран состав, односно со ракометари од првиот и вториот тим. Во пријателскиот натпревар против Саудиска Арабија не настапија македонските репрезентативци од битолскиот тим, како и капитенот Мирко Радовиќ поради репрезентативни обврски. Од вториот тим на Еурофарм Пелистер настапија Димитриј Блажевски, Филип Арсеновски и босанскиот интернационалец Павле Петровиќ.
Мечот тргна со голема борба на двете страни и репрезентацијата на Саудиска Арабија до 20 минута одржуваше резултатска предност. Откако Саудиска Арабија водеше со 10:9, македонскиот вицепрвак со серија од 3:0 направи пресврт и поведе со 12:10. Избраниците на Ларс Валтер беа подобри во финишот од првите 30 минути и на полувреме заминаа со предност од 13:11.
Тимот на Валтер во вториот дел константно беше во предност и по десет минути игра во второто полувреме резултатот беше плус три позитива за Еурофарм Пелистер, 18:15. Ракометарите на Саудиска Арабија се обидуваа да се вратат во игра и по водството на Еурофарм Пелистер од 21:17 успеаја резултатски да се доближат. На речиси осум минути пред крајот беше 22:20. Еурофарм Пелистер постигна два гола во низа, се одлепи на 24:20 и четирите гола разлика беа сосема доволни за поголема психолошка предност во завршниот дел.
Како што е веќе познато, репрезентацијата на Саудиска Арабија во Скопје се подготвува за настап на Светското првенство во јануари, додека за „фармацевтите“ дуелот против селекцијата на Јан Питлик беше вистински тест пред стартот на Лига на Европа.
Еурофарм Пелистер на 25 октомври пред својата публика ќе игра против тимот на Архус во рамки од 1. коло од Лига на Европа.