Ракометарите на Еурофарм Пелистер не одиграа според посакуваното во финишот на првиот дел и губат со четири разлика од данскиот тим Скандерборг Архус, 16-12.
Гостите го постигнаа првиот гол на мечот, но потоа имаа пост од шест минути. Битолчани погодуваа преку Танкоски и Кузманоски за 3-1, пред Архус да намали на 3-2. Следуваше најдобриот период на Еурофарм Пелистер, кога беа искористени неколку грешки на ривалот.
Крилата Кузманоски и Костески погодија во контранапади за 7-3, но како одминуваше времето, така Архус се враќаше во игра. Хосни постигна гол за 10-7, но потоа почнаа грешките во нападот.
Тренерот Валтер ротираше во ростерот, но по 11-9, битолчани неможеа да погодат цели седум минути. За тоа време, гостите погодија пет пати и веќе беше 11-14. Танкоски го прекина постот со голот за 12-14.
Eурофарм Пелистер имаше шанса за минус еден, но Пешевски не погоди, па Архус казни за 15-12. Уште еден напад на домашните не беше реализиран, па со погодок од пенал, данскиот тим на пауза замина со плус четири, 16-12.