Битолчани остануваат без Хрватот – Кушан се сели во Бундес лигата!

Хрватскиот интернационалец Томислав Кушан нема да го одработи договорот со Еурофарм Пелистер до самиот крај. Кружниот напаѓач од понеделник се сели во Германија и ќе заигра во Бундес лигата, но претходно веројатно ќе го одигра дербито во Суперлигата против Вардар.

Како што дознава 24Ракомет, Кушан договори трансфер во бундеслигашот Вецлар, каде што настапува македонскиот репрезентативец Филип Миркуловски. Овој тим пред една недела остана без Патрик Гемп, кој ги скина лигаментите на левото колено и ја заврши сезоната, па раководството на Вецлар веднаш тргна во потрага по замена.

Таа заврши во Еурофарм Пелистер, каде што Кушан е еден од најдобрите реализатори. Битолчани ќе добијат оштета за овој трансфер, но ќе бидат во големи проблеми на линијата од шест метри, каде што останаа само Елмир Граџан и Никола Маркоски.

Кушан во Хрватска беше дел од Пореч и Медвешчак, пред да замине во Асобал лигата каде што играше три сезони за Ла Риоха. Лани потпиша договор на две сезони со битолскиот клуб, но нема да го одработи до крај. Со добрите игри во Еурофарм Пелистер го привлече вниманието на хрватската јавност, а стана и сениорски репрезентативец на „коцкестите“.