Битолчани најавија победничка пролет: Еурофарм Пелистер, празни места па…Пролет

Еурофарм Пелистер со убедлива и сигурна победа пред домашната публика во Битола ја заокружи групната фаза во македонската Суперлига. Во последниот натпревар македонските вицепрваци беа поуспешни од екипата на Пролет со резултат 37-25. Во натпревар без никакво резултатско значење и натпреварувачки интензитет, Пелистерци одиграа рутинирано и го заокружија првиот дел од сезоната со убедлива победа. Пролет имаше желба и инцијатива, дури имаше предност во поголемиот дел од првото полувреме и почетокот на второто, но битолчани потврдија дека кога ја играат својата игра немаат вистински противник во групната фаза, па ниту второпласираниот состав на Пролет.

Натпреварот помина во фер игра,а изедначените сили на теренот се манифестираа и на семафорот. Пролет имаше воведна предност која достигна и два погодока разлика околу десетата минута и во финишот на првиот дел, а Еурофарм Пелистер беше во водство во средина на полувремето. По триесет минути игра Пролет на пауза замина со гол предност, 18-17.

Еурофарм Пелистер го започна дуелот со најсилниот состав, но го немаше потребниот интензитет и темпо, бидејќи изостана резултатскиот императив. Квалитетот и ритунираната игра на домашните ракометари се валоризираа до средина на вториот дел кога битолчани создадоа солидна залиха и предност за мирна завршница. Точно на средина на второто полувреме Хененберг ги постави првите пет голови разлика на овој дуел, 28-23. Тогаш започна да се распаѓа играта на гостите од Скопје.

Еурофарм Пелистер играше одлично во одбрана имаа неколку шанси да го зголемат водството кои не ги искористија. Сепак Пролет продолжи со лошата игра, па затоа новата серија голови на Еурофарм Пелистер ги одведе на високи „плус десет“ 33-23 во 53. минута. Кога веќе се беше јасно на овој дуел и се чекаше само конечниот резултат домашните ракометари дојдоа и до највисока разлика од 37-24.

Ракометарите на Пролет успеаа да постигнат гол по речиси 15 минути, но веќе беше предоцна за да остварат барем пристоен пораз. Расположените ракометари во „зелено-белиот“ дрес ја прославија победата и првото место во група Б со конечен резултат 37-25.

Најпрецизен на теренот беше Костески со 9 голови,го следеа Танкоски и Хенеберг со по 5. Кај гостинските ракометари Џонов Јагуриновски и Палевски постигнаа по 5 голови. Еурофарм Пелистер уште пред овој натпревар го обезбеди првото место на табалата во група Б, а зад нив е екипата на Пролет.