Екипата на Еурофарм Пелистер иако со само 12 ракометари отпатува во Словачка, сепак, немаше никакви проблеми на реванш дуелот во четвртфиналето од СЕХА лигата против Татран Прешов и оствари убедлива победа од 36:26.
Пелистерци на првиот дуел триумфираа со 37:29 и многу лесно обезбедија пласман во следната фаза од регионалното натпреварување.
СЕХА треба да потврди дали ќе има четвртфинален двобој на екипите од дивизијата „Исток“ со екипите од дивизија „Југ“. По дивизии, ривал на Еурофарм Пелистер треба да биде Чеховски Медведи. Доколку се исклучи наведената опција, тогаш ќе има два Ф4 турнири во СЕХА.
Дуелот во Прешов беше отворен со голот на Рабек, по што следуваше серија од 5:0 на македонскиот вицепрвак, кој по пет минути игра стигна до 5:1. Речисите сите гола во воведните пет минути на Еурофарм Пелистер беа постигнати од контри, главно преку Костески и Петар Атанасијевиќ. Цврстата одбрана на битолскиот тим не им овозможувше ни најмал простор на домаќините, кои никако не можеа да фатат приклучок.
Татран Прешов во првите десет минути имаше пет загубени топки и неколку промашени удари, а тоа знаеја да го искористат ракометарите на Еурофарм Пелистер. Избраниците на Јовиќ полека градеа висока предност, која кон средината на првото полувреме изнесуваше ,,плус седум” 9:2.
Избраниците на Гернат беа целосно деконцентрирани, не можеа да се консолидираат, ниту голманот Чуприна не можеше да го сопре налетот на ракометари на Еурофарм Пелистер. Гостите од Битола имаа лесна задача против немотивираните домаќини и од минута во минута ја зголемуваа предноста.
Десното крило на Еурофарм Пелистер, Ненад Костески до крајот на полувремето погодуваше како од шега, во нападот разиграни беа Стевановиќ и Пешевски, додека младиот Петар Атанасијевиќ беше без грешка во првите 30 минути. Резултатот на полувреме беше 20:10 во корист за тимот на Јовиќ.
Еурофарм Пелистер во второто полувреме продолжи со исто темпо. Предноста на гостите во 40-та минута беше 24:16 и во остатокот од дуелот домаќините не можеа да ја преполоват негативата. Црвен картон во 47-та минута заработи капитенот Мирко Радовиќ поради груб старт на еден од домапните ракометари.
Шанса во последниот период доби и голманот Бобан Ристовски, кој го замени одличниот Марко Кизиќ. Македонскиот тим во финишот влезе со истата предност од првиот дел, односно со водство од 31:21, дојде до поубедлива предност и со висока победа го заврши гостувањето во Прешов.
Најефикасени во редовите на Еурофарм Пелистер беа Ненад Костески со 11 и Дарко Стевановиќ со седум погодоци. Кај Татран Прешов одлична партија одигра искусниот Оливер Рабек, постигна 12 погодоци во мрежата на битолскиот тим.