Никола Бисинов прослави „златен јубилеј“ во ракометот

Спомнувањето на Велес како ракометен град многумина веднаш го поврзуваат со Пепи Манасков, ракометарот на векот во Македонија. Но, оние што се занимавале со ракомет или пак на некој начин биле директно вклучени во овој спорт ќе ви потврдат дека синоним за велешкиот ракомет исто така е и Никола Бисинов.

Тој годинава прославува 50 години активно учество во ракометот, и тоа низ различни форми, како играч, тренер, дел од управа, спортски директор па и сега како сопственик на клуб.

Мирен, сталожен, огразован, културен и пред се многу амбициозен и студиозен. Тоа се особините на Никола Бисинов. Колку тој значел и значи за велешкиот и македонски ракомет покажа присуството на многу спортски и ракометни легенди кои дојдоа на неговата прослава.

На едно место имаше многу лица кои значеа многу во македонскиот ракомет: Димитар Богдан, Стипе Велјановски, Александар Михајловски, Пепи Манасков, Горан Шопов, Тони Николовски, Драган Вељанов, Зоран Кузмановски, Владимир Глигоров, Игор Котевски, Александар Јовиќ, Аце Станковски, и многубројни бизнисмени кои своевремено соработувале со Никола.

Бисинов 50 години во ракомет

Бисинов бил тренер и на многу познати македонски ракометари кои се уште играат во различни клубови: Тоше Ончев, Мартин Манасков, Дејан Манасков, Ивица Илиев, Костадин Петров, Дарко Димитриевски, Мартин Димов, Филип Николов..

На Бисинов му посакаа успех и со новиот прволигаш Бисинов Фруит Ленд кој втора сезона ќе игра во Прва лига, но сега со поголеми амбиции бидејќи веќе почна да ангажира и засилувања кои на сегашните млади ракометари треба да им донесат искуство и да им помогнат побрзо да стигнат до елитаа.