Поранешната голманка на Куманово, Бисера Паскал, во новата сезона ќе го има третиот интернационален предизвик, откако реши кариерата да ја продолжи во Израел.
Паскал потпиша едногодишен договор со израелскиот тим Бнеи Херцлија. Новиот клуб на Паскал се натпреварува во Првата лига во Израел и има големи амбиции да го освои првото место во новата натпреварувачка сезона, односно да стане новиот шампион на Израел и да избори место на европска сцена.
Голманката од Македонија во пролетниот дел од изминатата сезона настапуваше за шпански Тенерифе, клуб во кој се покажа во солидно светло меѓу стативите.
Во Македонија освен за Куманово настапуваше и за екипата на Металург. 25-годишната голманка со тимот од Автокоманда се натпреваруваше и во ЕХФ Купот.