Бејби-ракометот им овозможува на децата да се запознаат со светот и да ги развијат нивните социјални вештини уште во раната возраст.
Франција е светска велесила во ракометот, а причините за тоа секако можеме да ги бараме во нивниот систем и анимирање на нови потенцијални ѕвезди уште од најмала возраст. Новина во ракометот е таканаречениот бејби-ракомет за деца од 3 до 6 години кој на интересен и забавен начин со мала ракометна топка им овозможува на децата соодветно да ги развијат моторичките и социјалните способности низ забава и игра.
Во Франција над 15.000 деца играат бејби-ракомет, а посветеноста на создавање млади играчи уште од мали нозе е максимално изразена. Уште во 1990 година во Франција важат посебни правила за играње на играчи до 11 години. Следен проект беше „Први чекори во ракометот“, кој се однесува на деца од 6 до 9 годнини.
Целта на бејби-ракометот е многу јасна и помага да се развиваат децата на здрав начин. Помеѓу три и пет години децата ги развиваат главните моторички способности како движење, рамнотежа и спознавање на предметите кои бејби-ракометот ги подобрува.
Иако ваквите проекти се одлична можност да се пронајдат млади таленти тоа не е главната цел на Французите. Во овој случај предност има развојот на социјалните вештини, да се зближат децата и да се промовира ракометот.
Во Македонија, пред повеќе од една деценија започна проект наречен мини ракомет- за сите деца кои не се вклучени во натпреварувачките лиги во младински категории. Мини ракомет повеќе нема своја официјална лига, но има школи во кои младите македонски идни ракометари ги започнуваат првите чекори во овој спорт.