Бејби-бум, корона, откажани тренинзи…Шведска стартуваше со подготовки за ЕП

Репрезентацијата на Шведска, која имаше одличен настап на Мундијалот во Египет, подготовките за Европското првенство во Унгарија и Словачка ги стартуваше без тројца ракометари.

Во таборот на Швеѓаните поради коронавирус недостасуваше младиот ракометар на Монпелје, Карл Валиниус. Левиот бек бил позитивен на Ковид-19, но се очекува да се приклучи на репрезентативните подготовки во деновите кои што следуваат.

Неговиот клупски колега, Лукас Пелас, исто така поради коронавирус мораше да отсуствува од првиот тренинг на неговата репрезентација. Пелас бил во контакт со личност која била позитивна на Ковид-19 и поради тоа морал да остане во својот дом.

Десниот бек од Алборг, Лукас Сандел, имаше оправдани причини за отсуство од првата прозивка. Искусниот ракометар станал татко на новогодишната ноќ. Сепак, Сандел за медиумите во Шведска изјавил дека семејството е пред сѐ другo и не се знае точно кога ќе се врати на репрезентативните обврски. Освен Сандел, татко стана и Линус Персон, па и за него не е познато кога ќе се приклучи на подготовки. Голманот Тобијас Тулин, добил позитивен тест на корона.

Селекторот Глен Солберг поради овие ситуации мораше да повика уште тројца нови ракометари – левото крило Емил Мелегард, десното крило Андреас Ланг и голманот Фабијанн Норстен, а откажа еден од вчерашните тренинзи поради тоа што не може да работи со сите ракометари.

Швеѓаните на Европското првенство се наоѓаат во Групата Е заедно со селекциите на Шпанија, Чешка и Босна и Херцеговина.