Една од најдобрите играчи во норвешката репрезентација и екс ракометарка на ЖРК Вардар, Камила Херем нема да настапи на ЕП во ноември, на кое нашата држава заедно со Словенија и Црна Гора ќе бидат домаќините на континенталниот собир.
Херем, која својот деби настап за националниот тим на Норвешка го имаше токму на ЕП во Македонија (2008), а оттогаш немаше пропуштено ниту едно големо натпреварување, објави дека е бремена.
Искусната ракометарка пред четири години го доби своето прво дете и по само два месеци од породувањето експресно се врати на терените демонстрирајќи дека сѐ уште е желна за големи успеси.
Сега со својот сопруг, а воедно и нејзин тренер во Сола, Стефан Стегавик, очекуваат принова и проширување на семејството, па така најверојатно нејзината пауза ќе биде подолга, со оглед на тоа дека пред извесен период заработи повреда на ахиловата тетива и имаше голема желба да се опорави и да биде дел од норвешката експедиција на ЕП 2022.
Освен Херем, ЕП поради бременост ќе го пропуштат уште две репрезентативки на Норвешка. Станува збор за кружниот напаѓач Кари Братсет Дале, која на Светското првенство минатата година беше прогласена за МВП, како и левото крило, Сана Солберг.