Најтрофејниот клуб во Турција, Бешикташ, по пауза од две години, повторно го освои домашниот шампионат откако во дерби натпреварот против екипата на Бејкоз оствари победа со три гола разлика, 31:28 (13:15), во натпревар од 23. коло.
На три кола пред крајот на првенството, тимот на Бешикташ има шест бода повеќе (36) и подобар меѓусебен скор од второпласираната и третопласираната екипа на табелата, а тоа се Бејкоз и минатогодишниот шампион Спор Тото, двете споменати екипи на свое конто имаат 31 бод.
Ова е 16-та титула за Бешикташ во домашниот шампионат. Тимот од Истанбул беше на ракометниот врв во својата земја во 1980, 1981, 2005, 2007, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019.
Претходната година, на изненадување на сите, шампионскиот пехар го освои Спор Тото, додека во сезона 2019/20 беше прекинат шампионатот во Турција поради ситуацијата со Ковид 19. Втора екипа на листата по бројот на освоени титули во шампионатот на Турција е АСКИ Анкара, вкупно шест.