Една од легендите на рускиот ракомет, Ирина Близнова во иднина ќе биде повторно дел од ракометот, но сега ќе има друга улога.
Русинката ќе биде генерален директор на Лада Тољати. Се очекува во следните денови да бидат завршени уште административните работи за нејзино назначување, па потоа да следи реорганизација на екипата.
Близнова својата кариера ја започна и заврши во Лада Тољати. Беше главна ракометарка во екипата од Русија, посебно во периодот од 2005 до 2008 година.
Поради приватни причини отсуствуваше од терените во текот на нејзината кариера која траеше до претходната година.
За репрезентацијата на Русија настапуваше од 2005 до 2017 година. Вкупно во репрезентативниот дрес има одиграно 124 официјални натпревари и постигнато 369 гола.
Најголемиот успех го постигна во 2016 година кога го освои златниот медал со својата репрезентација на Олимписките игри во Бразил. Има и сребрен медал од Олимписките игри од 2008 година во Пекинг, златни медали од Светските првенства во 2005 и 2007 година и сребрен медал од Европското првенство во 2006 година.