Беше на чекор до трансфер во Металург, но продолжува во Израел

Поранешниот ракометар на Пелистер, Струга и Бутел, Богдан Николиќ, кој требаше да го засили составот на Металург за пролетниот дел од сезоната, сепак, нема да направи камбек во шампионатот на Македонија и својата кариера ќе ја продолжи во тимот на Макаби Димона од Израел.

Екипата на Макаби Димона игра во плеј-аут фазата и се наоѓа во опасната зона за испаѓање, односно губење на суперлигашкиот статус.

Искусниот среден бек од Црна Гора во текот на 2021 година пристигна во Слобода Тузла од Струга, а по неколку месеци минати во Тузла направи трансфер во Слога Добој.

Беше на чекор да се врати во Македонија и да го облече дресот на Металург, но сепак Николиќ се одлучи да замине во Израел. Николиќ во својата кариера настапуваше и за Ловќен и Сутјеска од Црна Гора.