Беше на мета на неколку екипи, но Житников се враќа во Висла Плоцк

Репрезентативецот на Русија и ракометар на Пик Сегед, Дмитри Житников од следната сезона ќе биде новото засилување во вицешампионот на Полска, Висла Плоцк. Веста и официјално беше потврдена на официјалната инстаграм страна на полскиот клуб.

Плејмејкерот на Пик Сегед потпиша двегодишен договор со новиот клуб, а доколку и двете страни бидат задоволни од соработката постои можност истиот договор да биде и продолжен.

Претходно, соработката со тимот на Висла Плоцк ја продолжија интернационалците од Хрватска, Ловро Михиќ и Леон Шушња, а во следниот период ќе се знае целиот костур на екипата за следната сезона.

Житников беше дел од Висла Плоцк две сезони од 2015 до 2017 година, а потоа направи трансфер во Пик Сегед од Унгарија. Освен за двете екипи, искусниот ракометар на Русија играше и за Чеховски Медведи на почетокот на неговата кариера.

За репрезентацијата на Русија има одиграно 125 натпревари и постигнато 320 гола.