Нант ги одбрани бодовите на домашен терен во дерби дуелот од Лигата на шампионите против германскиот вицепрвак Кил, откако го совлада со 38-30 (20-15). Во интересен натпревар кој го судеше македонската судиска двојка Начевски-Николов, победи екипата која имаше поголем фокус и дисциплина во нападите. По ова петто коло Нант е на делба на втората позиција во група Б и има ист број поени со Келце, додека Кил е во долниот дел од табелата, но се уште меѓу кандидатите за елиминациската фаза.
Кил го отвори натпреварот со гол, но по пет минути игра Нант ја презема иницијативата. Грешките во нападот и непрецизните удари беа главна причина за промена на резултатот во првите десет минути. Нант создаде два гола предност, но Кил благодарение на одличните неколку минути на голманот Мрква се врати во дуелот и го израмни резултатот.
Сепак надежта на Германците кратко траеше, на спортивната страна се разбуди одличниот голман Харгримсон, а тоа им даде дополнителен мотив на неговите соиграчи. Затоа Нант до 18. минути имаше „плус четири“. Ракометарите на Кил се обидуваа да се вратат во дуелот, но нивните напади често завршуваа во голманот или со прочитани додавања на линијата од шест метри, па наместо шанса за пивотот, топката од рацете на играчите на Нант завршуваше во голот на Кил. Мрква ги одржуваше во игра германските ракометари, но тоа не беше доволно за враќање од длабокиот минус. На спротивната страна ракометарите на Нант не ги искористија сите шанси особено на празен гол, па резултатот по крајот на првото полувреме беше само „плус пет“ за домашните ракометари, 20-15.
Второто полувреме го започна Ландин на голот на Кил, но многу бргу Мрква се врати меѓу стативите. Сепак нападот на германските ракометари остана на нивото од првиот дел. По полувремето Нант помалку грешеше во нападите па разликата природно се зголеми до високи „плус девет“ (28-19 38.минута).
Честа да ја помине границата на двоцифрена предност му припадна на Македа откако домашниот голман Халгримсон ја запиша 13. интервенција, (32-22 44′). Она што не беше својствено за бундеслигашките екипи, можевме да го видиме во Нант. Играта на Кил комплетно се распадна. Токму затоа Нант на средина на вториот дел имаше и 13 голови разлика.
Од 45. минута на голот на Кил застана Никлас Ландин, кој имаше неколку добри интервенции па разликата се намали на само „минус осум“. Во самиот финиш кога веќе се беше познато и се чекаше сирената која ќе означи крај, Кил дојде и до седум голови разлика, но дозволи Нант да возврати и да го заврши натпреварот со висока разлика која на крајот на семафорот испиша конечен резултат 38-30 за Нант.
Најпрецизен во составот на Нант беше Одриозола со 7 голови, го следеа Македа и Марчан Криадо со по 5 голови. Кај гостите од Кил Валиниус постигна 6 погодоци, а Дувњак 4, недоволни да се избегне неочекувано високиот пораз.