Ракометната федерација на Белгија ја извести ЕХФ дека се откажува од квалификациските натпревари за настап на Европското првенство 2022 година во Унгарија и Словачка. Раководството на федерацијата одлучило силите да ги насочат кон квалификациите за следниот континентален собир во 2024 година.
Белгија се откажува поради лошата ситуацијата со Ковид-19, како и краткиот период за подготовки. Натпреварите требаше да се играат во текот на месец март и април.
Селекцијата на Белгија немаше одиграно ниту еден натпревар во рамките од првата група. Доколку не се откажеа, репрезентативците на Белгија требаше да играат дури шест квалификациски натпревари за кратко време.
Белгија беше во група со репрезентациите на Франција, Србија и Грција. Со оглед на настанатата ситуација, Србија ќе обезбеди директен пласман бидејќи има најповолна позиција во својата група. За Србите да останат без пласман треба да се случи вистинска сензација и Грците да остварат победа против Србија и Франција, што не е реално да се очекува.