Македонија го доби првиот натпревар против Грузија со 25:21, а во текот на сите 60 минути играше без капитенот Кирил Лазаров кој овој дуел го следеше од клупата. Помладите ракометари предводени од Ристовски на голот имаа солидна партија во која имаше и падови, но и добри моменти, па на крајот победата беше награда за сработеното.
Првото полувреме мина во променлива игра од двете репрезентации, а и двете добија по неколку минути. Македонија тргна подобро и во 12. минута стигна до највисоката предност од пет гола, кога имаше 7:2.
Ова водство, сепак, не беше зачувано. За десет минути игра во продолжението противникот успеа да се врати во ритам и да намали на еден гол. Во 22. минута резултатот беше 10:9 така што немаше можност за опуштање и следуваше казна.
Грузијците успеаја да останат на негатива од гол до два до крајот на првото полувреме, а во 27. минута со второто израмнување, после 1:1 на стартот беше поставен резултатот за на одмор од 12:12.
После овој резултат на стартот на вторите 30 минути, Македонија брзо успеа да дојде до предност од три гола и да поведе со 15:12. Ова водство, сепак, не гарантираше мирно продолжение бидејќи нападот не функционираше најдобро и имаше грешки. Тоа отвори шанса за Грузија одново да се врати, па во 41. минута повторно имаше израмнување, но сега на 17:17.
Следуваше игра гол за гол, во која Македонија постојано беше во водство. Одново беа обезбедени плус два во 45. минута при 20:18, но никако не можеше да се направи и поголема предност.
Конечно ова дојде во 57. минута кога беше одработена акција со ракометар помалку, а реализирана преку пивот за 24:21. Овие три разлика веќе делуваа сигурно и даваа надежи за мирна завршница односно мирни три минути. На голот на Арсеновски се надоврза и Димитроски, па на помалку од три минути до крајот Македонија имаше 25:21. Исто како и во првиот дел немаше голови во последните три минути, па средбата заврши со 25:21.
Утре се игра нов дуел, а тој почнува од 16 часот. Се игра исто така во салата СЦ „Борис Трајковски“.
МАКЕДОНИЈА – ГРУЗИЈА 25:21 (12:12)
Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 1000. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.
МАКЕДОНИЈА: Ристовски (15 одб.), Томовски, Манасков, Велковски 4, Димитриоски 1, Лазаров, Талески 2, Кузмановски 1, Костески 3, Танкоски 2, Крстевски, Кукуловски, Поповски 4, Пешевски 4, Јагуриновски, Маџовски 2, Димитриевски, Мишевски, Арсеновски 1.
Седмерци: 2/4, Исклучувања: 6 мин.
ГРУЗИЈА: Тевзадзе (8 одб., 2 сед.), Цинтадзе, Тороњадзе, Абрамишвили, Мерквиладзе, Рустамов, Чиковани 2, Кбилашвили 1, Чковребадзе 9, Орјоникидзе 5, Мајсурадзе 1, Лапијашвили, Арсенашвили 1, Цителишвили 1, Чантурија, Гоголадзе 1, Симонија, Дикаминџија.
Седмерци: 3/3, Исклучувања: 8 мин.