Магдебург третпат по ред слави против Барса, но оваа победа се чини дека има најголемо значење.
Германскиот вицепрвак по ударите од седум метри го победи европскиот првак со 40-39, а еден од оние што ја носеа играта во вториот дел е средниот бек Марко Безјак.
Тој во изјава за 24Ракомет вели дека по поразот на истото место од Рајн Некар на пенали во германскиот Куп, си ветиле дека тоа нема да се повтори.
„Ова беше тежок натпревар, кој беше решен на пенали. Можам да кажам дека не бев нервозен, но имав многу емоции. Пред два месеци овде изгубивме финале против Рајн Некар во Купот на Германија исто така на пенали, а тогаш си рековме ова нема да се случи повторно. Сеедно ми е против кој ќе играме во финалето, силни тимови, со кого и да играме . За нас е битно да се одмориме и да бидеме подготвени за овој натпревар“, вели Безјак.
Словенецот од следната сезона ќе игра за Нексе Нашице и посакува со победа и трофеј да се прости од Магдебург.
„Тоа нема да биде психичка бариера за мене. Ќе ми даде уште повеќе енергија бидејќи само уште оваа титула ми недостига во мојата кариера. Пред стартот им реков на моите соиграчи – овој турнир е наш“, заврши Безјак.
Ривал на Безјак и Магдебург во финалето ќе биде победникот од дуелот меѓу Келце и ПСЖ.