Машката репрезентација на Македонија загуби на гостувањето кај Романија со 24-22. Нашите ракометари имаа реми по првиот дел, а во вториот иако домашните поведоа во неколку наврати со три гола, сепак немаа сили за нешто повеќе и Македонија обезбеди место во вториот бараж за место на СП, каде ќе се соочи со Чешка.
Домаќините го отворија резултатот преку Ракотеа, но набрзина возвративме преку Лазаров и Пешевски за 1-2. Романците играа брзо, но и грешеа, па Македонија на три пати ги казни грешките.
Атанасијевиќ реализираше две контри за 2-5, а тоа беа неговите први погодоци во сениорскиот дрес на Македонија на официјален натпревар. Во следниот период Јонку одбрани два пати, македонските ракометари погрешија, па Романија израмни на 6-6.
Талески го врати водството на Македонија, 6-7, а потоа ги задржавме Романците седум минути без гол, па нашите ракометари стигнаа пак до највисоките плус три, 7-10. Домаќините не се откажуваа и покрај негативата и Илие донесе реми, 11-11.
Константина доби исклучување, па Георгиевски реализираше за 11-12, но и Хумет погоди, па на пауза се замина со реми.
Романија – Македонија
Вториот дел стартуваше со одбрана на Томовски на шутот на Јонеа, а потоа Лазаров од пенал донесе предност, 12-13. Романците по почетното водство, вторпат поведоа на овој натпревар со 15-14, но и Пешевски возврати за нерешено.
По 16-16, Романците напаѓаа трипати за плус два, но не успеаја да реализираат. Но ниту нашата селекција не беше успешна во нападот. Пасквал повика тајм-аут, се разигра Хумет, па со три гола во серија, Романија стигна до 19-16 на петнаесетина минути до крајот.
Македонија девет минути немаше дадено погодок, а тоа го прекина Талески, со голот за 19-17. Беше и 20-17, но Томовски одбрани, па Лазаров и Ојлески со два гола во серија ја вратија Македонија на минус еден, 21-20, на пет минути до крајот.
Миркуловски донесе реми, 21-21, но иако беше јасно дека нема да има сензација Романија не откажуваше од каков било триумф. До крајот домашните успеаја да стигнат до победа со 24-22.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Лазаров со шест и Кузмановски со три гола, а Томовски собра девет одбрани. Кај Романија, прв стрелец беше Хумет со пет погодоци. Натпреварите против Чешка се играат на 13 април во Злин и на 16/17 април веројатно во Скопје.